Мемоарите на Бритни Спирс се продадени во 1,1 милион примероци во првата недела

Мемоарите на американската пејачка Бритни Спирс „Жената во мене“ (The Woman in Me) се продадени во 1,1 милион примероци само во САД во првата недела по објавувањето.

„Во мемоарите ги влеав срцето и душата и благодарна сум на многубројните фанови и читатели ширум светот за нивната непоколеблива поддршка“, рече меѓу другото Спирс во изјавата за книжарницата „Галери Букс“.

Податоците за продадените копии вклучуваат однапред нарачани книги, печатени примероци, аудио книги и е-книги, според АП.

Нејзините мемоари беа поздравени од критичарите како привлечна приказна за нејзиниот пораст до глобална слава и неволјите што ја стигнаа, особено како резултат на старателството кое со години му даваше на нејзиниот татко контрола над поголемиот дел од нејзиниот живот.

И покрај тоа, „The Woman in Me“ не беше најпродаваната книга во првата недела од објавувањето во САД, бидејќи мемоарите на британскиот принц Хари Виндзор „Spare“ беа продадени во 1,6 милиони примероци во првата недела.

Scroll to Top