Миа Фароу се плаши од Вуди Ален и 30 години по разделбата: Посакувам никогаш да не го сретнев

Американската актерка Миа Фaроу вели дека и 30 години по разделбата од режисерот Вуди Ален, таа се плаши од својот поранешен маж. Изјавите на глумицата доаѓаат неколку дена пред премиерата на документарната серија „Ален наспроти Фароу“. Оваа серија е посветена на нивниот живот, а која се фокусира на обвинувањата за сексуално малтретирање против славниот режисер, меѓу кои и тоа дека ја вознемирувал својата ќерка Дилан кога имала 7 години.

Глумицата (76) беше во врска со 85-годишниот режисер од 1980 до 1992 година.

„Да можам да се вратам назад во времето, посакувам никогаш да не го сретнев. Многу жалам за тоа во животот, што донесов некој таков во моето семејство. И денес се плашам од него“, вели Миа.

Новата документарна серија на Ејч-би-о ќе има премиера на 21 февруари. Освен обвинувањата за злоупотреба, во серијата се прикажани и судењето за старателство врз децата, врската на Ален со посвоената ќерка Сун-Ји и последиците од траумите на семејството во следните години. Серијата содржи и интервјуа со Миа Фароу, Дилан Фароу и Ронан Фароу, како и со семејната пријателка Карли Симон, роднини, истражители, експерти и други очевидци.

„Кога имав седум години, татко ми ме турна во бараката од нашата куќа на езерото и сексуално ме нападна. Тоа се случуваше и претходно, од несоодветно допирање до туркање на палецот во мојата уста“, вели Дилан.

Во документарниот филм Миа изрази жалење што некогаш почнала врска со Ален. Славниот режисер, пак, за сега нема коментар во јавноста.

Scroll to Top