Милијардери што на своите деца нема да им остават ништо

By

Голем дел од милионерите и милијардерите во светот одлучиле своето богатство да не им го дадат на своите деца и да им го доделат на хуманитарни организации. Некои од нив велат дека не сакаат да им го уништат животот на своите деца оставајќи им толку пари. Тие велат дека подобро е самите да си ги заработат парите.

dobivaj vesti na viber

Бил и Мелинда Гејтс, Мајкл Блумберг, Џорџ Лукас, Тед Турнер и Варен Буфет се обврзале големиот дел од своето богатство што го заработиле во животот, по нивната смрт, да го дадат во добротворни цели.

Но, тие не се единствените што се одлучиле на ваков чекор.

 

Кирк Даглас

Поранешниот холивудски глумец Кирк Даглас одлучил своите пари да ги остави на Гондацијата „Даглас“, што ја основал во 1964 година со својата сопруга. Парите ги доделил за голем број добротворни организации, вклучувајќи го и Sinai Temple од Лос Анџелес, театарот „Кирк Даглас“ во Калвер Сити, Детската болница во Лос Анџелес и Универзитетот „Сент Лоренс“.

Никој од неговите деца, вклучувајќи го и глумецот Мајкл Даглас, не добиле ништо. Сепак, медиумите пишуваат дека на Мајкл и не му се потребни парите од татка си затоа што тој во моментот тежи речиси 300 милиони долари.

Џоан Крафорд

Кога Џоан Крафорд починала во 1977 година, две од нејзините четири деца не добиле ништо. Таа во својот тестамент напишала дека нема да им остави ништо на синот Кристофер и ќерката Кристина од причини што за нив двајцата се познати.

Нејзиниот однос со ќерката е опишан во популарните мемоари на ќерка ѝ – „Најдрагата мајка“.

Наместо тоа, популарната глумица своето богатство им го оставила на хуманитарни организации како што е Американското здружение на заболените од рак и мускулна дистрофија.

Џејмс Браун

И покрај низата семејни спорови и правни прашања, желбата на Џејмс Браун била оспорувана со години. Тој сакал дел од своето богатство да го остави во добротворни цели и за финансирање на школарината за децата на кои тоа им е потребно.

Како што пишувале медиумите, најголемиот дел од својот имот требало да го добие организацијата I Feel Good Trust, која требало да ја распредели школарината за децата од Јужна Каролина, каде што е роден тој, како и на децата од Грузија, каде што живеел поголемиот дел од својот живот.

Бил и Мелинда Гејтс 

Бил Гејтс, кој според листата на „Форбс“ тежи 108 милијарди долари, вети дека поголемиот дел од своето богатство ќе го даде во хуманитарни цели. Со Варен Буфет тој создал и потпишал завет на доброчинители, што ги охрабрува познатите личности и исклучително богати луѓе своите пари да ги донираат за хумани цели.

Гејтс се познати по тоа што не ги имаат разгалено своите деца.

„Не е никаква услуга да им го оставите богатството на своите деца. Тоа ќе го уништи сето она што тие самите може да го создадат, да креираат сопствен пат“, изјавил Гејтс во едно од своите интервјуа.

Мајкл Блумберг

Блумберг, кој е вреден речиси 64 милијарди долари, е познат по своите многубројни донации и потписник на заветот на доброчинители. Во едно од своите писма тој ја образложил причината зошто сите негови пари ги остава во хуманитарни организации, а не не своите деца.

„Ако сакате да направите нешто добро за своите деца и да им покажете колку ги сакате, најдобрата работа што можете да ја направите е да ги поддржите организациите што ќе направат подобар свет за нив и нивните деца“, напишал Блумберг.

Варен Буфет

Буфет планира еден процент од своето богатство да им го даде на своите деца. Можеби тоа звучи малку, но еден процент од неговото вкупно богатство, кое изнесува 82,3 милијарди долари, е 82,3 милиона долари. Па, оттука, сигурно ќе бидат осигурени до крајот на своите животи.

Наместо да им остави сè членовите на своето семејство, тој со Бил и Мелинда Гејтс го создаде заветот на доброчинители и преостанатите 99 % од богатството ќе ги даде за добротворни цели.

Симон Ковел

Поранешниот член на жирито на „Американски идол“, познат по својата строгост кон учесниците, исто така е строг и кон својот син. Во едно од своите интервјуа Симон изјавил дека сите пари ќе ѝ ги остави на некоја добротворна организација за деца и кучиња. „Не верувам во пренесување од генерација на генерација“, изјавил тој.

Бернард Маркус

Според листата на „Форбс“, основачот на Home Depota, вреден 6,3 милијарди долари, планира своите пари да ги остави на Фондацијата „Маркус“. Всушност, 90 % од тоа што ќе остане од неговото богатство, ќе заврши во оваа фондација.

„Ги имам сите куќи што ми се потребни. Живеам добро. Сè за што сега живеам е да ги најдам вистинските работи во кои ќе ги вложам моите пари, што за возврат ќе ми вратат добри емоции и ќе направат нешто добро за овој свет“, изјавил Маркус. Тој неодамна донирал 250 милиони долари за аквариумот во Грузија.

Маркус донирал и милион долари за центарот за аутизам „Маркус“.

Џорџ Лукас

Лукас е уште една богата ѕвезда што го потпишала заветот за доброчинители и која исто така верува дека парите попрво треба да ги даде за добротворни цели отколку на семејството.

Неодамна тој заработил 4 милијарди долари од продажбата на своите филмови и ги дал на организации за образование.

Џеки Чен

Чен планира да го остави своето богатство вредно 370 милиони долари на добротворни организации наместо на својот син. Тој објаснил зошто не сака своето богатство да му го остави на синот.

„Ако е способен, може самиот да заработи пари. Ако не е, тогаш само ќе ги троши моите пари“, изјавил Џеки.

Елтон Џон

Џон отсекогаш бил хуман човек, а со тоа планира да продолжи и по неговата смрт. Тој основал фондација за СИДА во 1992 гоина и од тогаш собрал над 400 милиони долари. Има две деца, кои нема да го наследат неговото богатство. Тој во 2016 година изјавил дека ќе им остави онолку колку што е доволно за да бидат осигурени.

Преостанатиот дел ќе го донира. „Сѐ уште не работиме на деталите и се обидуваме да најдеме баланс“, изјавил пејачот.

Ендру Лојд Вебер

Британскиот композитор, кој е вреден 1,07 милијарда долари, планира своето богатство да ѝ го даде на театарската индустрија за која верува дека е заслужна за неговиот успех.

Тој изјавил дека тој и неговата сопруга сакаат да видат како театарот се шири и ги охрабрува сите млади уметници и композитори.

Ештон Кучер и Мила Кунис

Ештон и Мила заедно имаат околу 265 милиони долари и планираат сите да ги подарат наместо да им ги остават на своите деца.

„Нема да направам фонд за моите деца. Сите мои пари ќе ги дадеме за добротворни цели и разни слични работи“, изјавил Ештон.

Марк Цукерберг

Во неговата објава на „Фејсбук“ во 2015 година, основачот на истоимената социјална мрежа и неговата сопруга порачаа дека нивното богатство вредно 82,6 милијарди долари нема да им го остават на своите ќерки, туку 99 % ќе го донираат.

„Сакаме да пораснете во подобар свет отколку нашиот. Ние ќе го одработиме својот дел за да го овозможиме тоа не само затоа што ве сакаме туку и затоа што имаме морална одговорност кон идните генерации“, напишал Марк Цукерберг во 2015 година.

Тед Тарнер

Основачот на Си-ен-ен планира да ги донира своите 2 милијарди долари на добротворни организации, кои ќе имаат цел да ја подобрат животната средина.

„Гледајќи наназад, ако имам можност да го живеам својот живот од почеток, постојат работи што би ги направил поинаку, но една работа никогаш не би ја променил. А тоа е моето богатство да го донирам за добротворни цели“, изјавил Тарнер.

 

Ќе ви се допадне