Музиката и фудбалот му се во срцето на Ерос Рамацоти

Иако музиката е таа којашто го надвладеала и целиот свет го препознава како еден од најпознатите италијански пејачи, сепак италијанскиот пејач Ерос Рамацоти признава дека фудбалот е тој кој и понатаму му се „врти“ во секојдневието, можеби и повеќе од тоа што самиот тој мисли.

Ерос Валтер Луциано Рамацоти е роден на 28 октомври во 1963 година во Рим. Рамацоти вели дека Италија е земја во која сите најдобро знаат како кој тим треба да игра и кој се тренерите на клубовите.

„Ако си Италијанец, тогаш фудбалот ти е во крвта. Фудбалот и музиката, тоа е сè што е важно за еден Италијанец“, изјавил Ерос, на прашањето на новинарите колку му е важен овој спорт во животот.

„Во оваа земја фудбалот секогаш е најлесен начин за да побегнете од секојдневните проблеми“, вели пејачот.

Ерос признава дека како дете брзо ја развил љубовта кон овој спорт. Вели дека топката ја засакал уште пред гитарата, иако својот прв инструмент го добил уште на седум години. Неколку години подоцна Ерос признал дека фудбалот и музиката му се двете работи кои го интересирале кога бил млад.

Талентот, љубовта, трудот и неоспорната харизма го однеле Ерос на пат за кој тој сонувал, пат на една вистинска музичка ѕвезда која сега трае веќе неколку децении. Неговото име и презиме станале синоним за квалитетна италијанска поп-музика и речиси  нема дел во светот во кој не се врти негов хит.

„Купив многу добри книги кои никогаш не сум ги прочитал, затоа што секогаш избирам да гледам телевизија и некој фудбалки натпревар“, вели Ерос прашан за тоа што работи кога одмора од турнеите.

Ерос вели дека е страствен фан на Јувентус и во голем број наврати излегол на зелените терени за да ги покаже своите фудбалски вештини. Играл како напаѓач на италијанската „музичка репрезентација“, која на крајот на осумдесеттите години организирала голем број хуманитарни мечеви ширум Италија.

„Имав обичај да влетам од левата страна, а потоа да изненадам и по средината. Секогаш имав одличен удар со десната нога. Многу противнички голмани имаа страв од мене“, вели Ерос, кој се пофали со некои одлични голови.

Ерос вели дека сега ретко кога игра фудбал и дека умее да ги инспирира некои од најдобрите играчи на светот. Кога пред неколку години се појавил на тренинг во Барселона, каде се сретнал со Меси. Италијанецот вели дека му дал тешка задача на Аргентинецот. Практично од невозможен агол, да постигне гол. Меси на крајот успеал, вели Ерос.

Италијанскиот пејач во друштво на Лионел Меси

„Музичарот или мелодијата траат вечно, како и некои моменти во фудбалот. Музиката и фудбалот ги спојуваат луѓето“, изјавил Ерос во моментите кога го посетил градот Цирих, седиштето на ФИФА.

На прес-конференцијата на која ја најавил актуелната Vita Ce N’е, на турнејата се појавил со фудбалска топка. Ерос вели дека заплакал за време на турнејата во Торино, кога се потсетил на капитенот на Фиорентина, Давид Астори, фудбалерот кој изненадувачки почина во 2018 година.

„Musica è. Затоа што фудбалот е музика“, одговорил Ерос на прашањето со која песна би го опишал фудбалот.

 

Scroll to Top