Најбогатата и највлијателна кинеска глумица Жао Веи, исчезна преку ноќ од социјаните мрежи, од медиумите, но и филмската индустрија, пишуваат светските медиуми. Обожавателите веднаш ја забележаа и прашуваат каде исчезна убавата Жао.
Како што пишуваат медиумите, кинеската влада е одговорна за бришењето на сите нејзини настапи во кои таа се има појавено. Од кинеската видеоплатформа исто така потврдиле дека примиле барање за отстранување на нејзините содржини.
Засега ниту обожавателите, ниту од платформите немаат објаснување зошто е побарано бришењето на нејзините содржини. Глумицата изненадувачки и без никаква најава исчезна од просторот на медиумите, видеоплатформите и социјалните мрежи каде имаше повеќе од 10 милиони обожаватели.
Жао Веи, освен што беше најпопуларна глумица во Кина, беше и една од најбогатите и највлијателни жени во државата. Таа ја имаше купено една од најубавите винарии во југозападна Франција во 2011 година, во вредност од милион долари.
Со нејзиниот сопруг, во 2016 година се најдоа на листата на најбогати млади милијардери, а нивното богатство е проценето на милијарда долари. Поради големиот број на судски спорови кои ги имаат, забранет им е пристап до кинескиот пазар на акции на пет години.
Тие го имале прекршено законот во 2017 година. Според статистиката на кинеската корпоративна база на податоци, глумицата има 14 компании. Од нив две се поништени на самата регистрација, а четири ја изгуиле лиценцата. Некои од компаниите се соочуваат и со ризик да им бидат замрзанти акциите.