Не се знае дали е воопшто свесен за се што му се случува: Сопругата на Брус Вилис за здравстевната состојба на актерот

Актерот Брус Вилис боледува од фронтотемпорална деменција, која предизвикува проблеми со говорот и меморијата, како и разни промени во чувствата и однесувањето на заболениот.

Неговата дијагноза беше објавена на почетокот на годинава, а неговата сопруга Ема Хеминг Вилис сега јавно проговори за борбата низ која минуваат како семејство.

„Она што го учам со текот на времето е дека деменцијата е тешка. Тешко е за личноста со оваа дијагноза, тешко е и за семејството. И не се разликува ниту за Брус, ниту за мене, ниту за нашите ќерки. И кога велат дека тоа е семејна болест, навистина се во право“, изјави таа во емисијата „Тудеј“, пренесува „Дејли мејл“.

Брус со Ема ги има ќерките Мејбел и Евелин, додека од бракот со колешката Деми Мур ги има ќерките Румер, Скаут и Талула. Ема сега раскажа како им кажала на децата за дијагнозата на нивниот татко.

„Ние сме многу отворено и чесно семејство. И најважно беше да им се објасни што претставува оваа болест од медицински аспект. Беше важно да им се каже за што се работи, бидејќи не треба да има никаква стигма врз дијагнозата на нивниот татко или каква било форма на деменција“, рече Ема.

На прашањето дали Брус бил свесен за неговата состојба, таа одговорила: „Тешко е да се знае“.

Таа признава дека за неа веста за дијагнозата на нејзиниот сопруг била и благослов и проклетство.

„Некако, конечно разбирате што се случува, па можете да го прифатите тоа. Тоа не ја прави ситуацијата помалку болна, туку само ја прифаќаш и знаеш што е со Брус, па е малку полесно. Толку многу убави работи се случуваат во нашите животи. Едноставно, многу ми е важно да ги тргнам очите од тагата за да видам што ни се случува“, искрена е сопругата на актерот.

Таа исто така нагласи дека не сака луѓето да ја гледаат како негувателка на Брус Вилис, туку како негова сопруга. Таа исто така додала дека тој ги учи нивните ќерки на прекрасни работи.

„Искрено, тој е подарок кој продолжува да дава љубов, трпение, издржливост, толку многу. Тој ме учи мене и нашето семејство. Тука сум и го правам ова не затоа што ова е мојата комфорна зона, туку ова е одраз на неговата моќ“, истакнала меѓу другото Ема Хеминг Вилис, едвај задржувајќи ги солзите.

Scroll to Top