Омилените песни во винтиџ-стил на концертот на „Постмодерн џубокс“

Светската музичка атракција „Постмодерн џубокс“ на 14 декември ќе настапи во Скопје. Нивниот контрабасист Адам Кубота во интервју за „Репортер“ вели дека се возбудени што ќе настапат пред нова публика, но дека, како и на сите нивни претходни концерти, очекува вистинско винтиџ-шоу. Концертот на „Постмодерн џубокс“ го организира „Авалон“.

Репортер: Ова е прв концерт на „Постмодерн џубокс“ во Скопје. Имате ли очекувања бидејќи првпат свирите пред македонската публика?

„Секогаш се радуваме кога свириме на ново место пред нашите фанови. Од лично искуство можам да кажам дека публиката во источна Европа е една од најдобрите што ја имаме“.

Репортер: Што ќе ѝ понудите вие на публиката? Што може да очекуваме ние од вас?

„На сцената во Скопје ќе го видите тоа што го има и во нашите спотови, со таа разлика што овој пат ќе имаме пет пејачи, пет музичари и еден степ-танчер. На концертот ќе дојдат наши фанови, а тие се секогаш расположени за добра журка во винтиџ-стил. Затоа очекувајте го неочекуваното“.

Репортер: Поминаа седум години од основањето на „Постмодерн џубокс“. Што ве прави интересни за публиката? Дали е тоа комбинацијата од кабаре, свинг и џез или нешто друго?

„Да светскиот успех се должи на комбинацијата од сите стилови што ги спојуваме, но ние сме многу повеќе од тоа: високо ниво на талент на нашите пејачи, старинскиот, винтиџ изглед на нашите танчери, фановите што нè поддржуваат и фактот што ниедно наше шоу не е исто двапати“.

Репортер: Како би го опишаше „Постмодерн џубокс“ на луѓето што никогаш не ја слушнале вашата музика?

„Ние ги ставаме нашите омилени поп-песни низ винтиџ-филтер. Потоа ги спојуваме со најталентираните и најшармантни пејачи на планетата, по што песните добиваат нов живот и нова публика“.

Репортер: Дали луѓето понекогаш ви кажуваат дека денешните светски хитови звучат подеднакво добро или подобро откако ќе ги преработите во вашиот препознатлив стил?

„Да бидам искрен, тоа ни се случува постојано. Всушност, многу сум среќен кога луѓето прво ќе ја слушнат нашата верзија на некоја песна, а потоа за оригиналот мислат дека е преработка. Ми се допаѓаат таквите реакции, ме забавуваат.“

Репортер: Кој е најголемиот успех на „Постмодерн џубокс“ во изминативе 7 години?

„Тешко е да се каже, толку многу работи се случија во меѓувреме. На пример, имаме преку една милијарда прегледи на ‘Јутјуб’, свиревме во распродадениот ‘Радио сити мјузик хол’ во Њујорк, во распродадената ‘Опера’ во Сиднеј, во ‘Раундхаус’ во Лондон. Успех е што во овие години имавме настапи на шест од седумте континенти. Само Антарктикот ни остана!“

Андријана Јовановска

Scroll to Top