Оригиналниот крај на „Pretty Woman“ бил мрачен

Иако е снимен во далечната 1990 година, за многумина филмот „Pretty Woman“ уште е еден од омилените во жанрот романтични филмови и се смета за вистинска модерна бајка.

Но, приказната каква што ја знаеме не била таква од почетокот на проектот. Малку познат факт е дека филмот што ја вивна Џулија Робертс во светот на холивудските ѕвезди оригинално се викал „3.000“, односно сумата за која нејзиниот лик, проститутката Вивиен, се договара да му биде придружничка на милијардерот Едвард (Ричард Гир).

Уште еден факт што дури сега се дознава е дека во оригиналното сценарио, филмот завршува така што Едвард ја турка Вивиен од автомобилот, ѝ ги фрла парите и ја остава во некоја мрачна уличка.

Тајната ја откри актерката Патриша Аркет, која била на аудиција за улогата на Вивиен. Џулија Робертс ја потврди приказната.

„Тоа беше многу мрачен филм и крајот беше тежок и тажен“, откри Аркет во заедничкото интервју со Робертс за Variety.

Робертс признава дека никогаш не би се согласила да игра во филм со таков крај.

За среќа, проектот го презеде Disney и го смени сценариото во приказна со среќен крај.

Scroll to Top