Оскаровецот Шон Пен е во Украина и снима документарец за инвазијата на Русија

Актерот и режисер Шон Пен е во Украина каде што снима документарен филм за инвазијата на Русија. Ова за „Врајети“ го потврдија од студиото „Вајс“. Оскаровецот вчера дојде на брифинг со новинарите во Киев и ги слушаше владините претставници кои зборуваа за кризата.

Пен претходно ја посети Украина во ноември 2021 година, кога почна да се подготвува за документарниот филм. Тогаш ја посети украинската војска, а фотографиите во тоа време ги објави украинската прес-служба за операции на здружените сили.

„Пен ја посети Канцеларијата на претседателот и разговараше со заменик-премиерката Ирина Верешчук, како и со локални новинари и членови на украинската војска, откако пристигна во Украина оваа недела“, објави „Њузвик“.

Кабинетот на претседателот на Украина објави соопштение преку украинската амбасада во кое го пофали оскаровецот.

„Режисерот специјално дојде во Киев за да ги сними сите настани што моментално се случуваат во Украина и да му ја каже на светот вистината за руската инвазија на нашата земја. Шон Пен е меѓу оние кои денес ја поддржуваат Украина во Украина. Нашата земја му е благодарна за таквото покажување храброст и чесност. Тој демонстрира храброст што им недостигаше на многу други, особено на некои западни политичари. Колку повеќе такви луѓе – вистински пријатели на Украина, кои ја поддржуваат борбата за слобода – толку побрзо можеме да ја запреме оваа грозоморна инвазија на Русија“, се вели во соопштението.

Пен беше во центарот на многу антивоени и хуманитарни операции низ годините. Документарниот филм „Граѓанинот Пен“ на „Дискавери плус“ од 2020 година беше за напорите на актерот да основа непрофитната организација КОРЕ (CORE), по земјотресите на Хаити во 2010 година. КОРЕ распореди и тимови за да помогне со тестирањето за ковид-19 и вакцинирање низ целата земја.

Документарецот што го снима Пенво Украина  е во продукција на „Вајс студис“ во соработка со „Вајс ворлд њуз“ и „Ендевор контент“.

Scroll to Top