Британската полиција потврди дека пејачката на „Кренберис“, Долорес О‘Риордан, се удавила во када додека била под дејство на алкохол. Во извештајот стои дека таа имала труење со алкохол и дека заспала во кадата, по што се удавила. Полицијата и претходно сметаше дека нејзината смрт не е сомнителна, оти на телото нема траги на повреди и самоповредување.
„Смртта на О‘Риордан е последица на трагичен настан. Таа почина откако испила големо количество алкохол“, изјавија од судот во Вестминстер.
Четириесет и шестгодишната музичарка од Ирска беше пронајдена мртва на 15 јануари, во бањата во хотелска соба во Лондон. Таа работела на нов соло-албум. О‘Риордан најголемиот успех со „Кренберис“ го постигна во 90-тите години. Во 2017 година ја прекина европската турнеја поради здравствените проблеми. Таа им се обрати на фановите преку „Фејсбук“ и рече дека се чувствува добро и дека наскоро повторно ќе настапува.