Пласидо Доминго обвинет за сексуална злоупотреба: девет жени тврдат дека им барал секс за улоги

Осум оперски певици и една танчерка го обвинија шпанскиот оперски пејач Пласидо Доминго за сексуална злоупотреба. Тие тврдат дека во 80-тите години од минатиот век угледниот пејач ги уценувал да имаат секс со него за да им даде улоги. Тие велат дека жените што го одбиле биле професионално казнети. Само оперската певица Патриша Улф јавно го обвини Доминго, а другите жени побарале да останат анонимни. Една од нив вели дека Доминго ја ставал неговата рака под нејзиното здолниште, три изјавиле дека тој инсистирал да се бакнуваат во гардероберите, хотелските соби или додека биле на состаноци за ручек, а на една ѝ побарал секс.

Доминго ги отфрлил обвинувањата, велејќи дека го обвинуваат за нешто што е старо повеќе од 30 години.

„Ме боли да слушнам дека некого сум вознемирил или се чувствувал непријатно, без оглед колку долго помина и покрај моите најдобри намери“, рекол Доминго за британскиот весник „Сан“. Тој додал дека „правилата и стандардите според кои денес сме оценувани се различни од оние што постоеле порано“, но дека тој никогаш не ја злоупотребил својата позиција, ниту некого вознемирил сексуално.

Според „Сан“, Доминго, кој е диригент и директор на операта во Лос Анџелес, младите жени често ги доведувал во непријатни ситуации. На суд против него наскоро ќе се појават повеќе од десет луѓе. Тие, според адвокатите на наводните жртви, биле директни сведоци на непристојното однесување на 78-годишниот Шпанец.

Инаку, Пласидо Доминго е повеќекратен добитник на наградата „Греми“ и исклучително почитуван во светот на операта. Колегите често го опишуваат како човек со неизмерен шарм и енергија, кој неуморно работи на промоција на своите уметнички форми. Тој и понатаму ја привлекува публиката и бара нови улоги. Досега одиграл преку 150 различни улоги и пеел во преку 4.000 претстави. Тој пееше и како дел од тројцата тенори заедно со Хозе Карерас и Лучано Павароти.

Scroll to Top