По 24 години, првпат откажано шоуто на „Викторијас сикрет“

По 24 години, компанијата „Викторијас сикрет“ официјално го откажа најголемото модно шоу што го организира секоја година во ноември. Тие со ова ги потврдија шпекулациите што се појавија во јавноста пред неколку месеци дека годинава нема да се одржи ревијата на која нивните модели ја промовираат ексклузивната долна облека и го претставуваат најскапиот градник на светот. Шоуто беше познато и по настапите на најголемите музички ѕвезди.

„Емоционалната содржина на ‘Викторијас сикрет’ е важна работа и затоа треба да размислиме во која насока ќе се движиме понатаму. Шоуто е ‘извонредно достигнување во маркетингот’ и важен дел од градењето на брендот на Викторијас сикрет“, велат од компанијата.

Промените во модната ревија се очекуваа откако минатата година долгогодишниот шеф на маркетинг , Ед Разек, во интервју за „Вог“ зборуваше за недостатокот на трансродови модели и разновидност во големината на моделите на брендот. Компанијата годинава беше вклучена во низа скандали, меѓу кои и обвинувања за сексуална злоупотреба на моделите. „Викторијас сикрет“ се соочува и со финансиски проблеми, па компанијата најави дека годинава затвора 53 продавници само во Северна Америка.

За потсетување, првото шоу на „Викторијас сикрет“ се одржа 1995 година во Њујорк. Тогаш ѕвезда на ревијата беше Стефани Сејмур.

Scroll to Top