Американскиот актер Рип Торн почина во вторникот попладнето во својот дом во Лејквил во Конектикат на 88- годишна возраст. Во последните моменти со него биле неговата сопруга, актерката Ејми Рајт, и ќерките Кејти Торн и Анџелика Пејџ, објавил неговиот агент.
Торн ги има и ќерките Данае и Клер и синовите Џон и Тони. Актерот, кој работел во континуитет од средината на педесеттите години од минатиот век, беше познат по улогата во филмот „Луѓе во црно“, како и во хумористичната серија на HBO, The Larry Sanders Show. За шоуто добил номинација за „Еми“, а има освоено и една статуетка.
Торн бил номиниран и за Оскар за споредната улога во филмот Cross Creek од 1983 година. Во „Луѓе во црно“ го глумел Зед, шефот на агенцијата, а истата улога ја повторил и во продолжението на филмот од 2002 година.
Актерот завршил неколкупати во затвор поради носење оружје без дозвола и затоа што имал неколку конфликти за време на снимањата. Бил прв избор за главната улога во 1969 година во филмот „Голи во седло“, улога која на крајот ја добил Џек Николсон.
Режисерот и актер Денис Хупер подоцна тврдел дка Торн останал без таа улога затоа што му се заканил со нож во текот на една расправија. Торн го тужел тврдејќи дека Хупер е тој кој се заканувал со нож, а судот се согласил со него и пресудил да му се исплатат 475.000 долари оштета.