Актерот Семјуел Рајт, кој го позајми гласот на ракот Себастијан во цртаниот филм „Малата сирена“, почина на 74-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди официјалната страница на градот Монтгомери на „Фејсбук“, каде што тој живееше последните години.
„Денес градот Монтгомери жали за загубата на Сем Рајт. Освен за сите нас, тој беше инспирација и влијаеше на безброј млади луѓе во долината Хадсон, секогаш инспирирајќи ги да постигнат повеќе, да целат повисоко и да копаат подлабоко за да станат најдобра верзија од себе“, стои во соопштението.
Во соопштението се вели и дека покрај неговата страст кон уметноста и љубовта кон семејството, Рајт бил најпознат по тоа што давал чиста радост каде и да се појавел, на оние со кои комуницирал.
Причината за смртта на актерот сè уште не е позната, а обожавателите преку социјалните мрежи изразуваат сочувство до семејството на Рајт.