Почина Дилан од „Беверли Хилс“

Холивудскиот глумец, Лук Пери, почина денес на 52 години. Популарниот Дилан од серијата „Беверли Хилс“ минатата недела доживеа мозочен удар по што беше итно префрлен во болница и лекарите го ставија во вештачка кома. Глумецот, според американските медиуми, не се разбудил од комата.

Неговиот агент ја потврдил вест и рекол дека Лук бил опкружен со семејството кога починал.

„Актерот Лук Пери почина денеска од мозочен удар. Со него беа неговите деца Џек и Софи, неговата свршеница Венди Медисон Бауер, неговата поранешна сопруга Мини Шарп, неговата мајка, неговиот очув, брат му и сестра му и други блиски членови на семејството и пријатели. Семејството ја цени поддршката и молитвите за Лук од целиот свет и со почит бара приватност во ова време на големо жалење. Во овој момент нема да бидат објавени дополнителни детали“, стои во соопштението на неговиот агент.

Лук Пери беше хоспитализиран еден ден по потврдата дека ќе се снима продолжение на „Беверли Хилс“ со старата актерска екипа.

Пери се прослави со улогата на Дилан Мекеј во хит тинејџерската серија „Беверли хилс“ која се снимаше од 1990 до 2000 година. Мозочен удар доживеа дента кога продуцентите на серијата најавија дека ќе се снимаат нови епизоди со оригиналните глумци. Пери не беше вклучен во проектот.

Изминатите две години Пери глумеше во серијата „Ривердејл“ една од најпопуларните тинејџерски серии во моментов во Америка.

Scroll to Top