Почина Ники Лауда, легендата на Формула 1

Австрискиот автомобилист Ники Лауда, трикратен шампион во Формула 1, почина вчера на 70 години. Лауда се прослави освојувајќи ги титулите светски првак во 1975, 1977 и 1984 година. Неговото здравје се влоши лани, па во Виена му беше направена операција за трансплантација на белодробно крило.

„Со длабока тага соопштуваме дека нашиот сакан Ники почина во понеделникот во кругот на семејството. Неговото остварување како спортист и бизнисмен ќе остане незаборавно. Тој е идол за сите нас, беше добар сопруг, татко и дедо и ќе ни недостасува“, стои во соопштението што го даде неговото семејство.

Ники Лауда е роден на 22 февруари 1949 година во Виена. Во Формула 1 беше активен од 1971 до 1979, па од 1982 до 1985. Иако потекнува од богато семејство, поради противењето на фамилијата, самиот ја финансирал својата кариера со банкарски кредити. Во 1976 година имаше инцидент во кој одвај се спаси откако неговиот болид се запали по судир со друг. Возеше за неколку тима, а ќе остане запаметен како единствен возач што успеал да освои шампионски титули со Ферари и Мекларен, најголемите ривали во Ф1. Последниве години беше ангажиран во Ф1 тимот Мерцедес како неизвршен претседавач на управниот одбор.

 

Лауда беше сопственик на авиокомпанијата „Лауда ер“ која имаше авио-линија од Скопје до Виена, па двапати беше дојден во Скопје, промовирајќи ги нивните услуги.

 

Scroll to Top