Мајсторот на американскиот мјузикл Стивен Сонхајм почина на 91-годишна возраст, а неговата смрт викендов одекна низ забавната индустрија и пошироко.
Бродвејскиот композитор и текстописец за мјузикли, кој му помогна на американскиот музикл да еволуира од семејна забава до нови уметнички височини со дела како West Side Story, Into the Woods и Sweeney Todd, почина во својот дом во Роксбери, Конектикат, во петокот, изјави портпаролката Кетрин Закерман за „Ројтерс“ преку е-пошта. Веста претходно ја објави „Њујорк тајмс“.
Сондхајм е добитник на „Оскар“, осум „Тони“ награди за текстови и музика меѓу кои и специјалната награда за животно дело, осум „Греми“, „Пулицер“ и наградата „Лоренс Оливие“.
Музичкиот великан стана познат на 27-годишна возраст со стиховите за мјузиклот „Приказна од Западот“, на кој работеше заедно со сценаристот Артур Лоренц и композиторот Леонард Бернштајн.
Во текот на славната кариера, која траеше повеќе од 60 години, Сондхајм, покрај „Приказната од Западот“, создаде театарски класици на Бродвеј како Gypsy, Follies, Company, Into the Woods, Sweeney Todd и многу други, а во 1991 година доби „Оскар“ за најдобра оригинална песна во филмот „Дик Трејси“.
Ендрју Лојд Вебер го нарече „џин на музичкиот театар на нашето време, инспирација не само за две, туку и за три генерации“. Неговиот придонес за театарот никогаш нема да биде заборавен, додаде тој.
„Театарот изгуби еден од своите најголеми генијалци, а светот загуби еден од своите најголеми и најоригинални писатели. За жал, сега има џин на небото. Но, сјајот на Стивен Сондхајм сè уште ќе биде тука додека неговите легендарни песни и дела ќе се изведуваат засекогаш“, изјави продуцентот Камерон Мекинтош.