Половина час стоечки овации за 50. јубилеј на Пласидо Доминго

Оперската ѕвезда Пласидо Доминго (78) бил испратен со стоечки овации на гала концертот по повод 50-годишнината од работењето. Настанот се случил синоќа во миланската Скала, по што тој на публиката ѝ возвратил така што им испеал серенада, што го направил само неколку пати во кариерата. Доминго стоел сам на бината со три жолти ружи и без музика ја отпеал омилената шпанска мелодија Non Puede Ser.

До тогаш, изведувачите кои настапувале со него, хорот и оркестарот, веќе извеле два биса. Аплаузот и овациите траеле скоро половина час, а публиката цело време стоела на нозе, што е ретко во Скала. Доминго, на третиот бис, излегол сам на бината. Тој во еден момент се наведнал и ја бакнал сцената на која првпат настапил на 7 декември 1969 година, кога ја играл главната улога во операта „Ернани“ од Џузепе Верди. Тој пеел вкупно 135 пати на сцената во Скала, во 22 опери.

Овој јубилеј на Доминго е обележан во годината во која американските оперски куќи ги откажуваа закажаните концерти, бидејќи повее од 20 жени го обвинија за сексуално вознемирување и неприкладно однесување. Доминго ги негираше нивните обвинување. По периодот на молк, тој неодамна почна повторно да дава интервјуа, па во едно од нив рекол дека секогаш се однесувал како џентлмен и дека никогаш не ја злоупотребил својата позиција и влијание. Додал и дека нема да се повлече додека не ги исполни барем закажаните концерти кои ги има до крајот на 2021 година.

Во САД сите негови испланирани концерти се откажани, но во европските оперски куќи и меѓу европските обожаватели тој доби огромна поддршка и сите концерти се задржани.

 

Scroll to Top