Војводата од Кембриџ, принцот Вилијам, го критикуваше патувањето на глумецот Вилијам Штанер во вселената. Штанер кој стана најстариот човек кој патувал во вселената, се врати од вселенскиот лет, откако во средата од пустина во Тексас, полета со ракетата на компанијата на Џеф Безос, „Блу Орџин“.
Принцот смета дека луѓето треба да се фокусираат на поважни работи, отколку да се изведуваат скапи акробации. Тој вели дека сите најголеми светски умови треба да се обидат да ги поправат работите и да ја подобрат состојбата на Земјата.
„Треба некои од најголемите светски умови да се фокусираат на поправање на оваа планета, а не на пронаоѓање на следното место за живот“, рече Вилијам во интервју за „Би-би-си“, во кое зборуваше за климатските промени и добиената награда Earthshot.
Тој предупреди пред самитот Cop26, на кој ќе учествуваат светските лидери во Глазгов, дека не би требало да се одржуваат само паметни говори, туку дека е потребна акција.
„Мислам дека клучно за овој самит е на луѓето да им се кажат искрено проблемите и да се понудат соодветни решенија“, рече Вилијам.
Војводата е загрижен поради порастот на последиците од климатските промени особено кај младите луѓе и рече дека е катастрофа по 30 години неговиот најстар син, принцот Џорџ, да зборува за истите овие работи.
Вилијам додаде дека неговиот татко, принцот од Велс, Чарлс, кој е познат по заинтересираноста за зелените прашања, имал тешки почетоци, кога првпат почнал да зборува за климатските промени.