Прв Божик без принцот по 73 години брак: кралицата ќе му оддаде почит на Филип со емотивно обраќање до нацијата

Кралицата Елизабета со емотивна порака ќе му оддаде почит на починатиот принц Филип во божикната порака што ќе ја испрати до нацијата. Таа го носи брошот од сафир што го носеше на нејзиниот меден месец 1947 година, а потоа и на нејзината дијамантска свадба. Ова се први празници на кралицата без нејзиниот сопруг, со кого беше во брак 73 години.

Кралицата, која никогаш не зборувала за приватниот живот во јавноста, во говорот неколку пати зборува за нејзината катастрофална загуба, откако Филип почина во април на 99 години. Таа дала и дозвола Бакингемската палата да објави неколку слики од принцот што претходно не се објавени. Затоа многумина веруваат дека обраќањето на кралицата ќе биде нејзиното најинтимно досега.

Бакингемската палата објави фотографија од кралицата како седи на нејзината работна маса и се подготвува за своето божикно обраќање, кое го снимила минатата недела. Таа не е видена во јавноста од почетокот на октомври поради нарушено здравје. Елизабета на обраќањето го носи брошот од сафир во форма на хризантема. Кралицата отсекогаш ги сакала сафирите, благодарение на нејзиниот татко, кој забележал дека скапоцените камења со сина боја на полско цвеќе, одговараат на бојата на очите на неговата ќерка. За овие скапоцени камења се вели дека значат љубов, чистота и мудрост.

Сликата е направена во Белата соба за цртање во замокот Виндзор, а на масата пред неа стои само една врамена фотографија од неа и Филип, снимена во 2007 година во селската куќа Бродлендс во Хемпшир, кога ја одбележуваа 50-годишнината од нивната венчавка. Двојката го поминала својот меден месец таму во 1947 година.

Бакингемската палата, која најави дека кралицата нема да се обрати во живо, туку преку снимена порака, објави и дека на пролет во Вестминстерската опатија ќе се одржи служба во чест на војводата од Единбург. На службата се поканети и Хари и Меган, заедно со остатокот од кралското семејство. Многумина сметаат дека ова е добар начин да се скрши мразот меѓу парот и нивните отуѓени роднини, откако Меган и Хари се преселија во САД и го напуштија кралскиот живот. Ова се случи во истиот ден кога војводата и војвотката од Сасекс ја објавија првата слика од нивната ќерка Лилибет.

 

 

 

Scroll to Top