Режисерот Бонг Јон-Хо беше пречекан како херој во Јужна Кореја, каде што се врати една недела откако освои четири Оскари за филмот „Паразит“. Стотици новинари и фанови дојдоа на меѓународниот аеродром во Инчеон за да го поздрават Бонг, кој се заблагодари за огромната поддршка.
„Ви благодарам за аплаузите. Би сакал да ви возвратам со аплауз на сите вам затоа што така добро се справувате со коронавирусот. За таа цел, веднаш внимателно ќе ги измијам рацете. Среќен сум што се вратив дома“, кажа Бонг.
„Паразит“ освои четири награди на 92. церемонија на доделувањето на Оскарите, и стана прв филм од неанглиско говорно подрачје што бил прогласен за најдобар филм. „Паразит“ го победи „Медена земја“ во категоријата за најдобар странски филм.
Корејците масовно го прославија триумфот на Бонг, чии филмови оттогаш не престанаа да се прикажуваат на тамошните телевизии.