Роберт де Ниро продавал домати во Ниш, а ќерката ја крстил по романот „Мостот на Дрина“

Холивудската ѕвезда Роберт де Ниро кон крајот на 1960-тите години двапати ја посетил Србија, пишуваат медиумите во регионот. Тој бил толку воодушевен од земјата, луѓето и гостопримството, што со својот домаќин Радован Ѓокиќ продавал домати на пазар. А кога неколку години подоцна ја посвоил најстарата ќерка, ѝ го дал името Дрина, по романот „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ.

Популарниот актер патувал автостоп во Србија. Во близина на Ниш, кај селото Чокот, додека стопирал, застанал селанецот Радован Ѓокиќ. Еден нишлија, кој зборувал англиски, преведувал што зборува Де Ниро и на Ѓокиќ му кажал дека странецот бара место да преноќи. Ѓокиќ го зел со себе, срдечно го примил во неговата куќа, а следниот ден му спакувал  погача и сирење за по пат.

Со ќерката Дрина

Една година подоцна, во летото 1968 година, во Чокот дошол автомобил „фолксваген“ со германска регистрација. Автомобилот го возел Де Ниро. Овој пат тој останал три дена и заедно со својот домаќин берел домати, носел зеленчук на пазарот во Ниш и го продавал со него. Потоа од Чокот заминал за Грција, но на бензинската пумпа помеѓу Ниш и Лесковац качил стопер кој му го украл паричникот. Поради ова, актерот се вратил кај Ѓокиќ, а тој му дал пари за пат. Роберт му ја понудил во знак на благодарност својата камера, но селанецот го одбил.

Многу години потоа Ѓокиќ првпат го видел Роберт де Ниро на филм и тогаш сфатил кој бил неговиот гостин.

Во меѓувреме, Де Ниро го прочитал романот „Мостот на Дрина“ од нобеловецот Иво Андриќ. па кога ја посвоил својата прва ќерка, ја крстил Дрина. Странските медиуми пишуваат дека познатиот актер  често ангажирал дадилки од Србија додека неговите шест деца биле мали. Тој со години имал телохранител, кој исто така, бил по потекло од Србија.

Scroll to Top