Бразилската фудбалска легенда Роналдо во документарен филм за неговата кариера, отворено зборува за проблемите со депресијата и фактот дека во периодот кога бил активен фудбалер, речиси никој не посветувал внимание на овој сериозен проблем.
Неколку дена пред премиерата на филмот за славниот напаѓач, Роналдо во интервју со Роберто Карлос зборувал на повеќе теми, вклучувајќи ја и борбата со депресијата.
„Долго го игнорирав проблемот, но повеќе од две години одам на терапија и сега подобро го разбирам тоа што ми се случуваше со години. Јас бев дел од генерација која беше оставена сама на себе и требаше без помош да се бори со овој демон. Кога се навраќам наназад, сфаќам дека сме биле изложени на голем психолошки стрес, а никој не размислуваше за психолошкото здравје на фудбалерите“, рекол некогашниот фудбалер.
Тој додал и дека денешните фудбалери, но и спортистите, воопшто, се во подобра позиција, оти светот знае за депресијата и отворено се зборува за неа.
„Денес е поинаку, се посветува повеќе внимание, има лекарства, фудбалерите имаат свои профили и се знае кој колку има проблеми во одредени ситуации. Во наше време не ни знаевме дека постои вакво нешто, едноставно го игнориравме проблемот“, вели Роналдо.