Дрвото на пријателството што со златни лопати го засадија американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот, Емануел Макрон, се исуши нешто повеќе од една година по засадувањето. Францускиот претседател за време на државната посета на Вашингтон лани во април, му даде млад даб на американскиот претседател, а сликите од моментот кога двајцата политичари го закопуваат дрвото со златни лопати, додека нивните сопруги гледаат, беа хит на интернет.
Макрон тогаш рече дека дрвото и неговото потекло ќе бидат симбол во Белата куќа за традиционално добри односи меѓу двете држави. Неколку дена подоцна, дрвото беше преместено, оти, како и сите други живи организми увезени во САД, морало да мине низ карантин. Една година потоа, тоа се исуши. Според американските медиуми, дрвото почнало да се суши во исто време кога почнале да се влошуваат политичките односи меѓу Америка и Франција.