„Се уморив од пеењето и од тоа да ги правам сите среќни“, вели пензионерката Тина Тарнер

Музичка дива Тина Тарнер (79) веќе десет години не пее, не танцува ниту, пак,  сака да се дотерува. Но, големата пејачка е актуелна периодов по мјузиклот базиран на нејзиниот живот насловен „Тина: Мјузиклот за Тина Тарнер“, кој од следниот месец ќе се игра на Бродвеј. Продукцијата од 16. 5 милиони долари досега се изведуваше од Лондон до Хамбург, а насловната улога ја игра Адриен Ворен.

Во режија на Филида Лојд („Мама миа“), претставата опфаќа четири децении од животот на Тарнер, почнувајќи од детството како Ана Меј Булок во Тенеси, па сѐ до скокот во 1980-тите кога стана една од најголемите поп-ѕвезди на планетата.

Изминативе неколку години живее во Швајцарија, а на влезната врата од имотот е поставен написот „Не ни помислувајте да ја барате Тина претпладне“.

 

„Таа стана ѕвезда во нејзините 20-ти години со Ајк Тарнер, избега од неговите малтретирања во 30-тите, стигна до првите места на светските листи во 40-тите, го помина светот со турнеи во нејзините 60-ти години и сега би сакале да поспие“, пишува новинарката на „Њујорк тајмс“.

„Не пеам, не танцувам. Не се дотерувам и не ми недостасуваат настапите. Се уморив од пеењето и од тоа да ги правам сите среќни. Само тоа и правев во животот“, вели Тарнер во интервјуто.

Таа вели дека работела доста со екипата на мјузиклот, му го покажала своите препознатливи движења на кореографот, а кога првпат ја сретнала Ворен во Лондон, ја тестирала со мал квиз.

Во мјузиклот е претставен нејзиниот триумфален раст како самостојна пејачка, како и романсата со нејзиниот сопруг Ервин Бак, но ги содржи и 16-те години кои ги поминала со Ајк. Го запознала како 17-годишната Ана Меј. Тој ја прослави, но на крајот поради него ја замрази музиката.

Ѝ го промени името, а потоа си го заштити како негов бренд и направи таа да му биде сопственост. Ѝ ја украде целата заработка. Ѝ истури кафе в лице. Ѝ ја скрши вилицата. И низ сето тоа, таа пееше.

Тарнер првпат проговори за насилството во книгата од 1986 „Јас, Тина“, а потоа често мораше тоа да го преживува во разни интервјуа.

Но, лани по премиерата на мјузиклот „Тина“ во Лондон, таа се смееше. На крајот од претставата, таа се упатила зад сцената и му се обратила на актерот кој го игра Ајк со зборовите: „Ти простувам“. Некои тоа го протолкуваа како прошка за нејзиниот поранешен сопруг, но таа вели дека никогаш нема да може да му прости.

„Ајк е мртов. Така што, не треба да се грижиме за него“, се смее Тарнер.

Со Бак се преселија во 1995 во Швајцарија. По бурниот живот, швајцарскиот ред ѝ дојде во вистинско време во животот. Не зборува германски јазик, така што и не комуницира многу со соседите.

Новинарката забележува дека за време на интервјуто Тина била без препознатливиот црвен кармин и без периката. Кога Тина се уморила од интервјуто, си заминала и се вратила утредента да продолжат. Пејачката била дотерана и нашминкана, подготовена за фотосесија за списание.

„Тоа вчера беше Ана Меј. Ова е Тина“, рекла таа.

Scroll to Top