Селма Хаек, Рајан Рејнолдс и Семјуел Џексон новиот филм го снимаат во Хрватска

Возбудливо е во Хрватска деновиве. Актерите Селма Хаек, Рајан Рејнолдс и Семјуел Л. Џексон пристигнаа неодамна во Ровињ, на Истра, заради снимањето на второто продолжение на филмот „The Hitman’s Wife’s Bodyguard“.

Хрватските медиуми уште претходниот месец го најавија можното сценарио кое се реализираше месецов, а за кое со гордост пишуваат секојдневно.

Но, своето воодушевување го споделија и актерите преку своите Инстаграм профили.

„Пристигнување на нова магична локација“, напиша Хаек пред два дена, а нејзиното воодушевување го дели и Џексон „Новото место за снимање ветува. На прв поглед, Хрватска е прекрасна“.

Она што е познато за сега е дека екипата ќе престојува таму месец дена, а освен Ровињ и Загреб ќе биде една од локациите каде ќе се снима. Филмот досега се снимаше во Италија, Бугарија и Велика Британија, а премиерата се планира за следната година.

Scroll to Top