Американската осигурителна компанија State Farm ја обвини глумицата Шенон Доерти, која боледува од рак, дека ја користи болеста за добие сожалување за време на судскиот процес. Доерти ја тужи компанијата за неисплатени средства за поправка на нејзиниот дом, кој беше уништен за време на пожарите во Калифорнија во 2018 година.
Во март минатата година таа поднела тужба, тврдејќи дека не ѝ бил исплатен целосниот износ. Нејзините адвокати тврдат дека Доерти морала самата да ги плати трошоците за поправката, кои требало да ги покрие осигурувањето и дека судењето ѝ предизвикува дополнителен стрес за време на тешката болест.
„Шенон Доерти умира од рак кој е во четвртата фаза. Наместо последните години од својот живот да ги мине во мир во својот дом, таа мора да оди на суд и да се бори со осигурителната компанија“, велат нејзините адвокати.
На ваквата изјава реагирале од компанијата за осигурување, која заклучила дека глумицата ја користи болеста за да се извлече од судскиот процес. Тие велат дека на овој начин таа смета дека ќе добие сожалување од судијата и поротата и дека на овој начин глумицата ќе си помогне во судската парница.
Компанијата досега ѝ исплатила 1,1 милион долари, а Шенон тврди дека трошоците за целосната поправка на нејзиниот дом изнесувале четири милиони долари. Од компанијата велат дека сочувствуваат со Доерти и ѝ посакуваат целосно закрепнување.
„Сигурни сме дека ги имаме исполнето сите обврски кон неа и дека го имаме платено целиот износ кој ѝ го должиме. Тоа сме подготвени да го браниме на суд“, изјавил Севаг Саркисиан, портпаролот на осигурителната компанија.
На американската глумица, позната по улогата на Бренда од серијата „Беверли Хилс“ ѝ беше дијагностициран рак на дојката во 2015 година. Тогаш се излечила, но во изминатите неколку години ракот повторно се појавил, а Доерти неодамна изјави дека болеста напреднала во четвртиот стадиум.