Против филмскиот продуцент Харви Вајнстин, кој издржува 23-годишна казна затвор за силување, се поднесени шест нови обвиненија за сексуален напад. Ова се случило во Лос Анџелес помеѓу 2004 и 2010 година. Новите обвиненија го товарат Вајнстин за три силувања и три присилни сексуални односи.
Првото обвинение за силување е поврзано со една од четирите познати жртви на Вајнстин, што, наводно, се случило помеѓу септември 2004 година и септември 2005 година. Другите кривични пријави се однесуваат на нова, петта жртва која го обвинува за силување во два наврати, меѓу ноември 2009 година и ноември 2010 година.
Филмскиот продуцент прво беше обвинет за силување на една жена и сексуално злоставување на друга. Ова се одделни инциденти од 2013 година. Обвинителството на Лос Анџелес потоа го прошири случајот, обвинувајќи го за сексуално злоставување на друга жена во хотел во мај 2010 година, по што следуваа и нови обвиненија.
„Доколку биде осуден по сите 11 точки со кои моментално се соочува во Лос Анџелес, Вајнстин може да добие затворска казна од 140 години“, рече окружниот адвокат во Калифорнија.
Судењето за Вајнстин стана најзначајното кривично дело на движењето #MeToo, кое беше покренато во 2017 година, откако многу познати лица јавно признаа дека доживеале сексуално вознемирување, злоупотреба и силување за време на нивната кариера, пренесуваат агенциите.