Легендарниот формула 1 возач Михаел Шумахер ќе прима терапија со матични клетки од врвен кардиоваскуларен хирург, пишува францускиот весник Le Parisien. Според весникот, Шумахер бил префрлен од Швајцарија во Париз каде што ќе прима терапија во болницата „Жорџ Помпиду“. Иако весникот не потврдува за што е терапијата, во јавноста се шпекулира дека неговото семејство се надева дека по третманот поранешниот Ф1 шампион ќе прооди.
Михаил Шумахер доживеа тешка несреќа на скијање пред пет години и доби сериозни повреди на главата. Оттогаш речиси ништо не се знае за неговата здравствена состојба, а според малкуте информации што се појавија во јавноста, се верува дека состојбата му е лоша и дека тој не може да се движи, ни да зборува.
Инаку, во ноември ќе биде промовиран документарен филм за Шумахер, направен со согласност на неговото семејство, каде што ќе бидат објавени први снимки од поранешниот шампион.