Со „Танцот на Роксана“ од Вангелис, која е дел од филмот „Александар“, британската виолинистка Венеса Меј вчеравечер го крена на нозе Антички театар во Охрид. Таа имаше спектакуларен настап на отворањето на 59. издание на фестивалот Охридско лето.
„Следната песна е од филмот за Александар Велики. Нема подобро место за да го отсвирам ‘Танцот на Роксана’, од античкиот театар во Охрид. Вечерва сум на вистинското место“, рече виолинистката понесена од енергијата на концертот.
Меј не остави никого рамнодушен во преполниот театар на отворено. Свиреше со душа, а публиката воодушевена, повеќе од час и половина аплаудираше по секоја песна и со овации ја дополнуваше одличната атмосфера на Антички.
Меј настапи во придружба на нејзините музичари што ја следат на секој концерт, но и со музичари на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.
Пред да настапи Меј, фестивалот за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски. Говор на отворањето на Охридско лето одржа и режисерот Александар Поповски, кој се потсети на починатиот драматург Горан Стефановски и прочита неколку цитати од неговите драми.