Принцот Хари вели дека десет години по смртта на неговата мајка не успеаал да се справи со траумата што ја доживеал како дете. Тој во интервју со Опра Винфри откри дека кога бил во своите дваесетти години дневно пиел алкохол колку што некој би испил за една недела. Вели и дека бил подготвен да земе дрога само за да не ја чувствува болката од смртта на Дајана.
Во интервјуто во кое Хари зборуваше за менталното здравје, тој раскажа и за нападите на вознемиреност и паника што ги имал, но и за тоа како се чувствувал на погребот на неговата мајка, принцезата од Велс, која загина во сообраќајна несреќа додека фотографите ја следеа во Париз, во август 1997 година.
„Јас бев ментално насекаде. Секој пат кога ќе облечев костум и ќе ја врзев вратоврската знаев дека ќе треба да влезам во улогата што морам да ја играм и да го наместам лицето да не покажува никави емоции. Ќе се погледнев во огледало и ќе си речев ‘Ајде да почнеме’, но уште пред да ја напуштам куќата, ме облеваше пот. Постојано бев подготвен за некаква борба или целосно да се исклучам“, рекол Хари во интервјуто.
Тој раскажал дека поради траумата што ја доживеал кога му кажале за смртта на Дајана почнал да пие.
„Бев подготвен да пијам, да се дрогирам, бев подготвен да правам работи што ќе направат да ја чувствувам помалку болката“, рекол и додал дека само во една вечер пиел колку што некој би испил за цела недела: „Пиев не затоа што уживав во тоа, туку затоа што се обидував да маскирам нешто“.
Погребот на принцезата Дајана беше девет дена пред 13. роденден на Хари. Тој одеше зад ковчегот на неговата мајка на нејзиниот погреб, заедно со неговиот брат, татко, чичко и дедо.
„Она што најмногу го паметам од тој ден беше звукот на копитата на коњите што газеа по калдрмата. Се чинеше како да сум надвор од моето тело и да одам покрај него, само го правев она што се очекуваше од мене. Покажував само една десетина од емоциите што сите други ги покажуваа а си мислев: ова беше мојата мајка – вие никогаш не ја ни сретнавте“.
36-годишниот Хари неодамна се вклучи во кампањи за кревање на свеста за менталното здравје, па оттогаш детално да зборува за своите лични искуства.Тој неодамна рече дека е решен да го „скрши циклусот на болка низ којшто поминувал кога растел“ и дека сосема поинаку ќе ги воспитува своите деца од она како кралското семејство го воспитало него.
Призна и дека оди на терапија откако живее во САД, но и дека најсреќно време во неговиот живот биле годините што ги поминал во Армијата, бидејќи таму немал посебен третман, туку со него се однесувале како со сите останати војници. Хари ја напушти армијата на 30-годишна возраст, а една година подоцна ја запозна идната сопруга Меган Маркл, на состанок на слепо кој им го договориле заеднички пријатели.
Во серијата за менталното здравје, освен принцот Хари, гостуваат и Лејди Гага, Глен Клоуз и други кои раскажуваат свои лични приказни за нивните трауми.