Американскиот глумец Стенли Тучи, познат по улогите во филмовите „Ѓаволот носи Прада“ и „Игри на гладта“, откри дека пред три години му бил дијагностициран рак на јазикот, но дека успеал да ја победи болеста. По сите трауми низ коишто минувал, тој сега реши јавно да проговори за туморот и сите предизвици со кои се соочил, но и за стравот од смртта, бидејќи од рак на дојката пред 12 години почина неговата жена Кејт.
Тучи во интервју за магазинот „Вера“ првпат јавно раскажа дека за борбата со болеста. Вели, туморот на јазикот бил преголем за да се оперира, па докторите решиле да го лекуваат со хемотерапија и зрачење.
„Бев скептичен во врска со третманот. Мојата жена Кејт почина од рак на дојката во 2009 година, а одеше на хемотерапија. Си ветив дека нема да поминам низ истите третмани како неа. Но, мојот тумор беше преголем за операција и затоа единствената опција беше честа хемотерапија и зрачење“, рекол тој.
Познатиот глумец вели дека целиот процес бил многу тежок, особено за неговото семејство. Трите деца кои ги има од бракот со Кејт, близнаците Николо и Изабел и ќерката Камила, вторпат поминувале низ истите трауми како со својата мајка, но биле постојано покрај него.
„Децата се однесуваа прекрасно, но целата ситуација им беше многу тешка. Ме хранеа со цевка шест месеци, секој ден беше нова борба. Јас едвај бев во добра физичка состојба за да отидам на нивното дипломирање и заедно да прославиме“, додал актерот.
Тој признава дека ни нему не му било лесно и дека секој ден се будел со мислата дали ќе се излекува.
„Поради ракот, вие постојано се плашите. Се чувствувам многу постаро отколку што бев пред болеста, но сепак сакам да напредувам и да бидам со децата“, вели тој.