Стоечки овации на првиот концерт на Пласидо Доминго откако беше обвинет за силување

Публиката во Салцзбур, Австрија, го пречека и го испрати со стоечки овации оперскиот пејач Пласидо Доминго (78). Ова беше негов прв јавен настап откако неодамна девет жени го обвинија за сексуално злоупотребување. Концертот се одржа во рамките на фестивалот за музика и драма, што традиционално се одржува секоја година во Салцзбург.

Неодамна, осум оперски певици и една балерина го обвинија славниот тенор за сексуално злоупотребување. Тие тврдат дека во 1980 години Доминго ги уценувал да имаат сексуални односи со него во замена за улоги, а кога бил одбиен „тој професионално ги казнувал“. Само оперската певица Патриша Улф прозборе јавно, а другите побараа да останат анонимни.

Доминго веднаш ги отфрли обвинувањата и рече дека дека го обвинуваат за нешто што се случило пред 30 години.

„Ме боли да слушнам дека некого сум вознемирил или се чувствувал непријатно, без оглед колку долго помина и покрај моите најдобри намери“, рече тогаш Доминго.

По обвинувањата, операта во Лос Анџелес соопшти дека ќе ги истражи сите наоди. Во меѓувреме операта во Сан Франциско и Филаделфискиот оркестар ги откажаа планираните настапи на Доминго во септември и во октомври.

Пласидо Доминго е повеќекратен добитник на наградата „Греми“ и исклучително почитуван во светот на операта. Колегите често го опишуваат како човек со неизмерен шарм и енергија, кој неуморно работи на промоција на своите уметнички форми. Тој и понатаму ја привлекува публиката и бара нови улоги. Досега одиграл преку 150 различни улоги и пеел во преку 4.000 претстави. Тој пееше и како дел од тројцата тенори заедно со Хозе Карерас и Лучано Павароти.

 

Scroll to Top