Татко ми треба да е во затвор, си го сакам животот назад: Бритни Спирс сведочеше за контроверзното старателство

Пејачката Бритни Спирс (39) во средата, пред судијата кој е одговор за надзор на нејзиното контроверзно старателство, рече дека си го сака нејзиниот живот назад и дека сака да прекине  контролата која нејзиниот татко ја има над неа веќе 13 години.

Бритни на сослушувањето во судот во Лос Анџелес, своите забелешки ги кажа преку видео камера. Ова е нејзино прво јавно обраќање за старателството кое нејзиниот татко го доби во 2008 година, откако таа претрпе нервен слом.

„Само го сакам мојот живот назад. Не сум тука за да бидам нечив роб. Трауматизирана сум. Не сум среќна. Не можам да спијам. Толку сум бесна, што плачам секој ден. Искрено верувам дека ова старателство е злоставување“, рече Бритни.

Судијата на Врховниот суд во Лос Анџелес, Бренда Пени, рече дека ќе и треба формална представка со која пејачката ќе побара прекин на старателството, пред да може да превземе било каква акција.

„Знам дека е потребно многу храброст за вакво нешто. Сакам јавно да ве пофалам што се решивте на ваков чекор и истапивте јавно за да го слушнеме вашето мислење, не само јас, туку и сите кои учествуваа во овој случај“, и рече судијката на Бритни.

Спирс последен пат со судот разговарала во 2019 година, но тогаш судот беше затворен за јавноста, а нејзиното сведочење беше запечатено. Сега Бритни рече дека сака да слушнат сите луѓе, за тоа што таа има да го каже.

Спирс рече дека сака повторно да се омажи и да има дете. Но, додаде дека има вградена контрацепција и дека не смее да оди на лекар, затоа што татко и не дозволува. Пејачката досега има две деца со нејзиниот поранешен сопруг Кевин Федерлајн кој има старателство над нив.

Пред судот се собраа неколку стотина фанови кои дојдоа да и дадат поддршка на пејачката. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Ослободете ја Бритни, Знаете дека ова е криво. Каде се парите на Бритни Спирс“, и многу други.

Scroll to Top