Музичката ѕвезда Тејлор Свифт и нејзината мајка Андреа донирале 50.000 долари на семејството со пет деца, чиј татко починал од корона. Теодис Реј Кварлес од Мемфис починал лани во декември, оставајќи ја зад себе сопругата Вики со петте ќерки.
„Алиси, Анаја, Азија, Али и Арија ќе го немаат татко им за појадок, училишни претстави, матурска вечер и, на крајот, на нивните свадби. Тој беше неверојатен човек кој ќе дадеше сè што има на оној што има потреба. Се чувствувам како душата да ми е со него“, рекла неговата сопруга Вики, по што една нејзина пријателка започна кампања на GoFundMe за семејни донации, а целта била да соберат 50.000 долари.
Тие биле изненадени кога дознале дека Андреа и Тејлор Свифт ја платиле целата сума, пишува „Баз фид“.
„Сакам да им се заблагодарам на Андреа и Тејлор за нивната дарежливост“, рекла Вики откако износот на донациите достигнал скоро 400.000 американски долари. „Животот дефинитивно нема да биде ист без Теодис, но убедена сум секој ден дека можам да продолжам да ги воспитувам моите ќерки да бидат сочувствителни и грижливи како вас“.
Не е првпат познатата пејачка да донира значителна сума пари во хуманитарни цели. Лани таа ѝ даде 30.000 долари на студентка која не можела да си ја плати школарината, а во 2015 година, исто така преку веб-страницата GoFundMe, уплатила 50.000 долари на нејзин 11-годишен обожавател кој се борел со леукемија.