Трагичната љубовна приказна на Џим Кери што заврши со самоубиство

Еден од најпопуларните комичари на светот, Џим Кери, има трагична љубовна приказна. Жената што ја обожавал, Катриона Вајт, и со која бил долго во врска, се самоубила и оставила порака дека тој ѝ го уништил животот.

„Минав три дена во неверување дека ти не си тука. Можам да одам со скршено срце и да се обидам да ги составам деловите. Можам, но немам волја овој пат. Жалам што чувствуваше дека не бев тука за тебе. Се обидов да ти ја дадам мојата најдобра страна“, пишувало во пораката што му ја оставила на Џим.

Џим и Катриона се запознале 2012 година на снимање филм. На сетот таа работела како шминкерка. Уште кога почнале да се гледаат, пријателите на глумецот биле скептични во неговиот избор. Некои од нив му велеле дека таа го користи само за да стекне слава во Холивуд. Врската им била нестабилна. Се разделиле во март 2013, па се смириле повторно во мај 2015 година. Вајт била лудо вљубена во Кери, но нивната врска имала многу падови. Додека биле заедно, и двајцата биле во сериозна депресија и не можеле да си помогнат еден на друг. По многу кавги, раскинувања и смирувања, Вајт решила да се самоубие. Таа починала на 28 септември 2015 година од преголема количина лекови. Во прошталното писмо што го оставила го обвинила комичарот дека е виновен за нејзината смрт оти „ја уништил како личност и комплетно ѝ го уништил животот“.

По смртта на Катриона, Џим изјави дека е „длабоко трогнат од нејзината одлука да се самоубие, но и дека таа била пречувствителен ирски цвет за овој свет“. Тој го носеше ковчегот на нејзиниот погреб што се одржа во Ирска.

Брзо по нејзиното самоубиство, во јавноста се појави информацијата дека, иако Катриона имала врска со Кери, таа всушност била во брак со холивудскиот камерман Марк Бартон. Адвокатот на глумецот тврдеше дека бракот бил од интерес, само за таа да добие зелена карта во САД. Кери велеше дека таа живеела во неговиот дом, дека тој ја издржувал финансиски и не знаел никакви детали за нејзиниот брак со Марк. За тоа дознал дури по нејзината смрт. Тој бил лут што против него се креваат лажни обвинувања за жената која ја обожавал.

Но, изјавите на Кери не ги спречија Бартон и нејзината мајка да го обвинат глумецот за нејзиното самоубиство. Бартон тврдеше дека Кери по илегален пат ѝ обезбедувал лекарства кои можеле да се добијат само на рецепт. Тој и мајка ѝ на Вајт во 2016 година покренале тужба против глумецот. Двајцата тврделе и дека Џим ѝ пренел на Вајт сексуално преносливи болести, но потоа сето тоа со соодветни докази било отфрлено.

Scroll to Top