Трамп целосно ја променил изјавата за аферата со порноактерката Сторми Даниелс

Лидерот на САД, Доналд Трамп, целосно ја променил изјавата за аферата што се појави во јавноста со порноактерката Сторми Даниелс.

Сега лидерот на слободниот свет вели дека ѝ платил на Даниелс 130.000 долари, но дополнил дека имале договор за доверливост со цел да се спречат лажните обвинувања во врска со аферата што била направена од нејзина страна, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.

Трамп досега тврдел дека не знаел ништо за направената исплата за актерката од филмовите за возрасни.

Трамп на „Твитер“ објавил дека средствата за неговата претседателска кампања не биле користени во исплатата. Одредени познавачи на состојбите се сомневаат во легалноста на исплатата, односно дека таа може да биде подложна на законите за финансирањето на политичките кампањи.

Признанието на претседателот на САД доаѓа по изјавите на неговиот адвокат, поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, кој истакна дека Трамп му ги вратил парите на неговиот личен адвокат Мајкл Коен, кои претходно ѝ биле исплатени на Даниелс.

Правниот застапник на Даниелс, Мајкл Авенати, го карактеризира признанието на Трамп како неверојатно откритие, кое ќе биде од корист за Даниелс.

Порноѕвездата Сторми Даниелс претходно поднесе тужба за да добие право да ги изнесе деталите од наводната интимна врска со Трамп.

 

Scroll to Top