Трамп веќе не е на листата на 400 најбогати Американци

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп веќе не е на листата 400 најбогати Американци, според списанието „Форбс“. Во моментот се проценува дека Трамп вреди 2,5 милијарда долари, а најсиромашниот на листата со најбогати Американци има 2,9 милијади долари.

Лани, Трамп беше рангиран на 339. место, но од „Форбс“ велат дека неговото богатство се намали за 600 милиони долари од почетокот на пандемијата. Според магазинот, технолошките акции, криптовалутите и другите средства напреднале за време на ерата на пандемијата.

„Недвижностите во големите градови, кои го сочинуваат најголемиот дел од богатството на Трамп, не процветаа исфрлајќи го поранешниот претседател од најексклузивниот национален клуб“, пишува списанието.

Трамп беше на листата секоја година од 1996 година. Од 1997 до 2016 година тој секогаш беше во горната половина на листата. Неговиот пад почна во 2016 година кога беше избран за претседател и оттогаш продолжи да паѓа на ранг-листата.

Според процените, Трамп беше најбогат во 2015 година кога „Форбс“ го процени неговото богатство на 4,5 милијарди долари. Следната година имаше богатство од 3,7 милијарди долари, а од 2017 до 2019 година имаше 3,1 милијарди долари.

Трамп во неколку наврати рече дека тоа што стана претседател го чинеше милијарди долари. За време на мандатот Трамп им го предаде управувањето на својот корпоративен конгломерат на своите синови, но компаниите останаа во негова сопственост.

Scroll to Top