Долгоочекуваното продолжение на „Сексот и градот“, кое имаше премиера вчера на „Ејч-би-о“, ги разочара фановите на култната серија кога во првата епизода Ѕверката ѝ умира на раце на Кери. „И, едноставно, така, Ѕверката умре“, вели Кери на крајот од епизодата. Неочекуваниот крај, каде што најголемата љубов на Бредшо умира од срцев удар, направи драма на социјалните мрежи. Негативни коментари и разочарување до толку што некои велат дека нема да ја гледаат серијата до крајот.
„Плачев цела ноќ, моравте ли да го убиете Ѕверката“, „Срцето ми е скршено“, „Ако се радував на нешто во целиот овој ковид-период, тоа беше на ‘Сексот и градот’. Кога го умревте Ѕверката, ми ја убивте и желбата да ја гледам серијата. Годинава не можеше да заврши полошо“, се дел од коментарите на официјалниот инстаграм-профил на серијата.
Во првата епизода Кери, Миранда и Шарлот низ разговор откриваат што се случува со Саманта и зошто веќе ја нема со нив. Ниедна од трите дами, на големо разочарување, нема секс во првите епизоди. Ни Кери веќе не пишува колумна, па коментарите се дека „Сексот и градот“ ја изгубил магијата. Ниту новиот имиџ на Миранда и нејзината седа коса не им се бендисаа на фановите, а најмалку, пак, ботоксот на Шарлот. Светла точка е синот на Миранда, кој има секс во серијата. Особено емотивно се доживеа делот во серијата кога се појави актерот Вили Гарсон, кој го глуми ликот на Стенфорд Блич, најдобриот пријател на Кери. Гарсон ненадејно почина во текот на снимањето на серијата од рак, а продуцентите никогаш не открија дали ги снимил сите сцени.
Во продолжението на култната серија се појавуваат и многу познати ликови од минатите сезони, но и нови личности, чии приказни се испреплетени со животот на трите главни дами.