(Видео) Доли Партон прими вакцина на „Модерна“ за чие испитување донира милион долари

Легендарната кантри-пејачка Доли Партон ја доби првата доза од вакцината на „Модерна“ за чие истражување пред неколку месеци вложи еден милион долари.

Таа видеото од вакцинирањето го објави на „Твитер“ и го препеа својот хит „Џолин“ во „Ваксин“ за да ги поттикне Американците да се вакцинираат.

„Вакцина, вакцина, вакцина, вакцина, ве молам, ве молам, не двоумете се. Вакцина, вакцина, вакцина, вакцина, бидејќи ако умрете, ќе биде малку доцна“, отпеа кантри-ѕвездата.

Партон помогна во финансирањето на испитувањето на вакцината на „Модерна“ со донација од милион долари на Медицинскиот центар при Универзитетот „Вандербилт“ во Нешвил, Тенеси.

„Толку сум возбудена. Чекав долго време. Јас сум доволно стара за да се вакцинирам и доволно паметна за да го направам тоа“, им рече пејачката на обожавателите на видеото објавено од Универзитетот.

 

Кантри-ѕвездата е уште една од неколкуте славни личности што се вакцинираа пред камера, исто како Елтон Џон, Мајкл Кејн, Дејвид Атенбороу и други.

Scroll to Top