(Видео) Принцот Чарлс раскажа за своето искуство со короната

Британскиот принц Чарлс првпат се обрати во јавноста, откако дозна дека е заразен со коронавирусот. Тој испрати видео-порака до нацијата, во која им се заблагодари на сите здравствени работници, но и на тие што секојдневно помагаат во справувањето со болеста. Тој раскажа и за симптомите што ги имал.

„Неодамна имав инфекција со коронавирус, за среќа со релативно благи симптоми и сега сум на другата страна на болеста, но сепак во социјална дистанца и општа изолација. Ова е чудно, фрустрирачко и стресно искуство, кога присуството на семејството и пријателите веќе не е можно и одеднаш се губат нормалните животни структури“, вели во својата порака Чарлс.

Тој им испрати порака за поддршка на сите постари граѓани на Велика Британија на кои, вели, им е најтешко во моментов.

„Сакам да им се заблагодарам на сите кои мислат на постарите граѓани во овие времиња и им помагаат“, вели тој.

71-годишниот принц е основач на фондацијата АГУК, која има за цел да им помогне на лицата од трето доба.

За потсетување, на 25 март беше откриено дека Чарлс има коронавирус, а една недела подоцна беше објавено дека тој закрепнал и веќе не е во изолација.

Scroll to Top