(Видео) Стивен Сегал го прекина интервјуто во Би-би-си

Актерот Стивен Сегал го прекина снимањето на емисијата на Би-би-си, кое одеше во живо, откако водителката му постави прашање за обвинувањата за силување. Сегал благата насмевка ја замени со сериозно лице, стана од столот и си замина.

Актерот на почетокот љубезно и смирено одговараше на сите прашања на водителката. Дури и задоволно се смешкаше, но непријатната ситуација настана кога водителката го праша како излегува на крај со обвинувањата за силување.

„Ве тужеа за сексуално вознемирување и силување. Ме интересира како се носите со тоа?“, го праша водителката.

Сегал не дочека ни да го слушне прашањето до крај. Ги симна слушалките и ја напушти емисијата. Водителката изненадена ја следеше неговата реакција.

Актерот претходно беше обвинет за сексуално вознемирување од страна на пет колешки, а наводните злоупотреби се одвивале за време на аудиции и проби.

Scroll to Top