(Видео) Трамп ја напушти Белата куќа за последен пат како претседател и не дојде на положувањето заклетва на Бајден

Доналд Трамп денеска ја напушти Белата куќа за последен пат како претседател, чекорејќи по Јужниот тревник и заминувајќи со Претседателскиот хеликоптер. Во кратките коментари до новинарите, тој ја опиша функцијата како „најголема чест во животот“. Не одговараше на прашања.

Неколку минути пред заминувањето можеше да се забележат мала група вработени во Белата куќа како носат кутии до претседателскиот хеликоптер.

Трамп од Белата куќа отиде во воената база Ендрјус, каде што ќе учествува на церемонијалното испраќање со учество на сегашни и поранешни претставници на администрацијата.

Трамп одби да им се придружи на лидерите на Конгресот на црковната служба со новоизбраниот претседател Џо Бајден на Денот на инаугурацијата. Тој нема да присуствува ни на положувањето заклетва на Бајден, но таму ќе биде потпретседателот Мајк Пенс.

Само уште тројца поранешни американски претседатели имаат одбиено да присуствуваат на инаугурацијата на својот наследник на Белата куќа: Џон Адамс во 1801 година, Џон Квинси Адамс во 1829 година и Ендру Џонсон во 1869 година.

Поранешниот претседател Ричард Никсон, кој поднесе оставка во 1974 година под закана за импичмент, не беше присутен кога претседателот Џералд Форд положи заклетва во Белата куќа.

Всушност, денешното заминување на Трамп од Белата куќа имаше неверојатна сличност со Никсоновото пред повеќе од четири децении.

Во тоа време, Форд го придружуваше Никсон до Претседателскиот хеликоптер – слично паркиран на Јужниот тревник – каде што злогласниот претседател во заминување ги крена рацете во двоен поздрав „V“.

Scroll to Top