„Спајс грлс“ ја најавија својата прва турнеја по повеќе од десет години, но без Викторија Бекам.
Останатите членки на групата, Мелани Браун, Ема Бантон, Џери Хорнер и Мелани Чишолм, рекоа дека деталите за турнејата ќе бидат дополнително соопштени. Бекам нема да им се придружи на повратничката турнеја бидејќи сакала да се фокусира на својот моден бизнис.
„Многу сум возбудена, сакам да бидам на сцената. Ќе биде брилијантно“, кажа Бантон, или Бејби Спајс.
Во февруари, сите пет членки на „Спајс грлс“ објавија заедничка фотографија на Инстаграм, навестувајќи дека подготвуваат нешто. Тие за последен пат настапија во тој состав на отворањето на Олимиските игри во Лондон во 2012 година.
Групата се растури во 2000 година, но седум години подоцна се обедини за турнеја.