Зголемени тумор-маркерите на Шенон Доерти

Холивудската актерка Шенон Доерти (46), која се прослави со улогата на Бренда во серијата „Беверли Хилс“, на социјална мрежа објавила дека на нејзините последни анализи лекарите утврдиле зголемени тумор-маркери.

„Анализи и наоди. Едниот тумор-маркер е добар, другиот е зголемен. Тоа само значи дека ќе морам на набљудување и на други анализи. Но, дури и по тоа, останувам позитивна“, напишала актерката.

„Ова ми помага да ги ставам нештата во перспектива и ме потсетува на сето она што го научив додека се борев со ракот. Понекогаш ми треба свеж поглед. Како што веќе реков, ракот го менува животот на незамислив начин… Патем, зголемените маркери можат да бидат поради многу причини“, истакнала Шенон, која се труди да остане позитивна.

Загрижените обожаватели коментирале дека таа е борец и дека се покрај неа.

„Држи ја главата горе. Неверојатна си. Остани храбра и силна, ти праќаме позитива“, ѝ напишале фановите.

Шенон му се врати на вообичаениот живот по борбата со ракот на дојката. Болеста ѝ се прошири на лимфниот систем, па актерката се подложи на мастектомија (отстранување на дојката), хемотерапија и зрачење откако во 2015 година ѝ беше дијагностицирана болеста. Пред една година заврши со третманите со хемотерапија.

Шенон својата борба со тешката болест ја документираше на социјалните мрежи со цел да помогне и да им ја олесни болката на жените кои боледуваат од истата болест.

Scroll to Top