Жителите на Тексас го сакаат Метју Меконахи за гувернер

Жителите на американската држава Тексас сакаат глумецот Метју Меконахи да биде нов гувернер на Тексас, покажаа резултатите од последната анкета. За него би гласале преку 40 проценти од гласачите. Меконахи неколкупати досега најави дека сака да се кандидира за гувернер, но дека не донел конечна одлука. Ако сепак реши да влезе во политиката, тогаш има шанса навистина да стане гувернер, бидејќи испитувањето на јавното мислење вели дека токму тој е главен фаворит да победи на изборите.

Републикаците најверојатно повторно ќе го кандидираат актуелниот гувернер Грег Абот, а фаворитот на демократите е Бето О’Рурк. Но, со оглед на сѐ поголемата поддршка која ја добива глумецот, многу веројатно тој ќе биде трет кандидат.

Последната анкета со која се испитуваше јавното мислење околу изборите за нов гувернер ги изненади политичките партии бидејќи дури 40% од испитаните ја поддржуваат идејата Меконахи да биде кандидат на изборите. Доколку се одлучува помеѓу него и актуелниот републиканец Абот, 43% би го поддржале Меконахи, а 34% Абот. Споредено со другиот кандидат, О’Рурк, Меконахи има поддршка од 49% наспроти 27% за О’Рурк. На анкетата помеѓу кандидатите на републиканците и демократите, без Меконахи, води актуелниот Абот.

Големата поддршка за Меконахи веројатно се должи и на фактот што мнозинство од сеценионистите преферираат лик како Меконахи да биде гувернер. Сецесионистите се залагаат за отцепување на Тексас од САД и нивните гласови можат да бидат одлучувачки. А ако се одлучува помеѓу Меконахи и актуелниот Абот, глумецот би ја добил и поддршката на демократските гласачи кои би сакале било кој освен републиканец да ги води.

Изборите за нов гувернер на Тексас ќе се одржат на 8 ноември 2022 година, а дотогаш Меконахи треба да ја официјализира својата кандидатура како независен кандидат.

Меконахи е роден во Јувалди, мал град во Тексас. Тој пред неколку дена наполни 52 години.

Scroll to Top