16-годишна тинејџерка е номинирана за Нобелова награда за мир

16-годишната Грета Тунберг од Шведска, која го организираше младинскиот штрајк за климатски промени, е номинирана за Нобелова награда за мир. Неа ја номинира норвешкиот социјалист и пратеник Фреди Андре Овстегард. Грета сама почна да протестира минатиот август во Шведска, но оттогаш ги инспирира учениците од целиот свет. Денес ќе се одржи уште еден штрајк против климатските промени и се очекува да се штрајкува во 1.659 града во 105 земји.

„Ја предложив Грета Тунберг зашто ако не направиме ништо да ги запреме климатските промени, тие ќе бидат причина за војни, конфликти и бегалци. Грета започна масовно движење, а јас тоа го гледам како голем придонес за мирот“, рекол Овстегард кога ја поднел номинацијата.

Тинејџерката, пак, вели дека е почестена и благодарна што некој смета дека нејзината цел е важна.

„Денес ќе штрајкуваме за нашата иднина, а тоа ќе продолжиме да го правиме онолку долго колку што е потребно“, рекла таа. Грета самата ги предизвика лидерите на климатскиот самит на ОН кон крајот на 2018 година и во Давос во јануари оваа година. „Промените доаѓаат, без оглед дали ви се допаѓаат или не“, вели.

Оваа година за Нобелова награда се номинирани 301 кандидат, 223 индивидуалци и 78 организации. Во 2014 година Нобеловата награда за мир ја доби 17-годишната Малала Јусуфзаи за борбата и за правото на сите деца да имаат пристап до образование, откако во 2012 година преживеа обид за атентат од талибанците.

 

Scroll to Top