По два ипол месеци карантин скопјани пак седнаа на кафе. Денес, кафулињата се отворија, а гостите ги наполнија летните тераси. По тројца-четворица на маса, без маски, расположени оти конечно има дружба, кој со кафе и цигра, кој со вино или пиво, оти куќа чести за отвoрање… скопските кафулиња како за прв ден не беа празни. Но, не беа ни до толку полни да не можеш да се разминеш, како што е типично за Скопје во најдобрите денови.
Во населбата Аеродром, интересно беше што во кафулињата имаше претежно мажи, по некоја дама и многу пензионери. Се седеше претежно без пропишаната дистанца. Музиката срамежливо пуштена. Некаде воопшто немаше. А и седенката далеку од она кога спокојно се дружеа луѓето пред пандемијата.
Како и да е, општиот впечаток е дека колку и да едвај се чекаше за на кафе и да се отворат кафулињата, пак во воздухот лебди коронавирусот кој денес брои нови 38 заразени и двајца починати.
Во центарот на Скопје, на Кејот, немаше многу луѓе излезени по кафулињата. Заради лошото време или стравот од вирусот, во некои локали на целата тераса беше полна само една маса.
Сликата беше малку поинаква на улица Македонија. Тука имаше имаше повеќе гужва. Гостите ги послужуваа со бесплатно шампањско за да наздрават за новата сезона и да им тргне со лесно работата. Но, ниту имаше слободна маса меѓу гостите, ниту се држеше дистанца од два метра, а некаде на малите маси имаше и до шест гости. На влезот на кафулињата, а и на секоја од масите имаше средство за дезинфекција на рацете. И тука, како во аеродромските кафулиња, претежно мажи и пензионери. Млади скоро и да немаше, дури ни на местата што вообичаено биле преполни и каде што потешко се наоѓаше место за седнување.
За потсетување, кафулињата и рестораните денес се отворија по повеќе од два месеци пауза. Ќе работат до 22 часот. Владата најави дека ќе биде дозволено гости да се примаат само на летните тераси, на отворените делови од угостителските објекти. Вработените кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски. Не смее да се поставуваат коњопои и да се служат гости кои стојат на шанк во кафулето, туку само гостите кои седат на маса. Масите треба да биде оддалечени една од друга во сите правци од 1,5 до 2 метри.
Беше кажано и дека: На една маса со четири столчиња може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столчиња може да се послужуваат четири лица само доколку се од исто семејство. Се дозволува максимален број од 12 лица на споени маси доколку растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метар. Задолжително е менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена.
(А.Г.-А.Ј)