Од 1 јануари познатата текстилна конфекција „Вабо“ од Штип ќе премине во рацете на работниците. Со неа ќе раководи Тања Николова, дипломиран технолог со долгогодишен работен стаж во компанијата, и Дарко Роглев, референт по извоз, пренесува порталот Istok Press
Сопственикот на конфекцијата, Ване Богдов, кој пред 25 години ја отворил компанијата, соопшти дека одлуката ја кажал во текот на состанокот со работниците, каде им ги претставил Николова и Роглев.
„ Во ова сум цели 32 години и почувствував дека во мене го снемува мотивот за работа. Моите две деца не сакаат да се занимаваат со конфекциско производство, воден од примарната цел за нашите 130 работници да можат да работат и да остваруваат пристојна плата, се одлучив на ваков чекор.Фабриката ја дадов на користење на работниците, вклучувајќи ја и целата опрема за што во првата година ќе бидат ослободени од плаќање надоместок, а од втората година ќе плаќаат минимална кирија за 1.250 метри квадратни производствен простор под услов конфекцијата да работи со добивка, во што не се сомневам“, вели Ване Богдов.
Сепак, тој не ја отстапува сопственоста врз фабриката на работиците, туку им ја предава на користење. Во текот на наредниот период ќе остане да помогне во изнаоѓањ пазари за пласман на производите преку неговите деловни партнери од Западна Европа
„Им ветив дека со врските што ги имам со деловниот свет во Западна Европа, без никаков надомест за себе, ќе обезбедувам работа на еден подолг временски рок. Тоа е гарант дека редовно ќе земаат плата, зашто работа има за многу години“, додава Богдов.