20 концерти и стотина уметници ќе настапт викендов во Кокино

Овој викенд, на локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино, ќе се одржува третото издание на мултимедијалната културна манифестација „КОКИНО – Тврдина на сонцето“, уникатниот фестивал кој годинава за прв пат е организиран со тридневна програма од 17 до 19 септември.

Во рамки на перформативната програма на „Кокино – Тврдина на Сонцето“ ќе се одржат повеќе од 20 настапи на реномирани уметници од македонската сцена, вклучувајќи ги и концертите на: „Љубојна“, Дина Јашари, Тони Китановски, „Фулиш грин“, Драган и Ратко Даутовски, „Перија“, Сашо Гигов Гиш, „Сетстат“, „Летечки Пекинезери“, Џенгиз Ибрахим, „Чалгија Саунд Систем“, „21 Век“, „Тока Шитет“, Јон Ајди, диџејските сетови на Горан Кан, Флудер, Чарли и уште многу други музички изведувачи.

Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кино-проекции, но и едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, стрип изложба, ракотворби. Почетокот на програмата во петок, 17 септември е закажан во 16:30 часот, а ќе трае до 23:00 часот вечерта. Во сабота и недела, 18 и 19 септември, посетителите имаат вистински ретка прилика да го поминат денот на Кокино во прекрасното природно опкружување оплеменето и со програмата на Фестивалот која ќе се одвива од пладне, 12:00 часот па до зајдисонце, 19:00 часот. Влезот е бесплатен, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила, поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили.

Проектот „Кокино – Тврдина на Сонцето“ се одржува со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.

Scroll to Top